ПЛАН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈА ЗА 2021 ГОДИНА НА ЈП „ГРАДСКИ ПАЗАР “- ОХРИД
ПЛАН ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА КОРУПЦИЈА ЗА 2021 ГОДИНА НА ЈП „ГРАДСКИ ПАЗАР “ – ОХРИД
1. Институционална поставеност
Јавното Претпријатие ГРАДСКИ ПАЗАР – ОХРИД е основано со Одлука на Советот на Општина Охрид бр.07-2151/22 од 30.08.2010 година, со цел да овозможи квалитетно и организирано вршење на дејноста: управување со пазари на големо и мало на територијата на општина Охрид. По донесувањето на статутарниот акт и формирањето на органите на управување, односно по исполнувањето на законските предуслови, Јавното претпријатие Градски Пазар – Охрид, на ден 13.12.2010 год. се стекна со правен субјективитет откако се изврши упис во Централниот Регистар.
Основна дејност на јавното претпријатие е издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп.
Јавното Претпријатие може да извршува и други дејности што не се опфатени во Националната Класификација, но придонесуваат за целосно искористување на капацитетите и материјалите што се употребуваат за вршење на запишаните дејности. ЈП Градски Пазар Охрид работите од својата надлежност ги извршува во согласност со Законот за Јавни Претпријатија, Законот за Трговија, Законот за трговски друштва, Законот за Комунални дејности и други подзаконски акти кои ја регулираат дејноста која ја врши Јавното Претпријатие. Со оглед на тоа што Претпријатието врши дејност од јавен интерес од комуналната сфера, го применува и работи во согласност со Законот за Комунални дејности. Како правен субјект кој управува со пазари на големо и мало, услугите во пазарот ги врши во согласност со одредбите на Законот за Трговија кои го регулираат организирањето на пазарите.
Органи на управување на претпријатието се: Управниот одбор, Директорот и Надзорниот одбор .
Управниот одбор брои 5 (пет) членови, кои ги именува и разрешува Советот на Општина Охрид, со мандат од 4 (четири) години. Управниот одбор:
– го донесува Статутот на претпријатието;
– ја усвојува Програмата за работа и развој на претпријатието;
– ја утврдува деловната политика и донесува годишна и инвестициона програма
– го донесува Финансискиот план на претпријатието;
– ги усвојува тримесечниот извештај кој содржи показатели за финансиското работење, годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие;
– одлучува за употреба на средствата остварени со работењето на претпријатието и покривањето на загуби;
– донесува Одлуки за инвестиции;
– донесува и други општи акти;
– го донесува Правилникот за внатрешна организација на претпријатието;
– го утврдува текстот на Колективниот договор и го склучува;
– го донесува деловникот за работа на Управниот одбор;
– донесува одлука за утврдување на висината на бодот за пресметување на платите на вработените и друго.
Директорот на претпријатието го избира и разрешува Градоначалникот на Општина Охрид, во постапка со јавен конкурс, со мандат од 4 (четири) години. Директорот:
– го застапува и претставува претпријатието, склучува договори и презема други правни работи и дејствија во согласност со Закон;
– го обезбедува спроведувањето на одлуките и заклучоците на Управниот одбор;
– врши усогласување на деловната активност на претпријатието;
– ја предлага внатрешната организација на претпријатието преку предлог – правилник за внатрешна организација на претпријатието;
– предлага донесување Правилник за систематизација на работни места на претпријатието;
– поднесува тримесечен, шестмесечен извештај и годишна пресметка и извештај за работењето до Управниот одбор на претпријатието;
– донесува одлуки за откажување на договорот за вработување – отказ и за изрекување на парична казна, и изрекува други дисциплински мерки за кои е овластен согласно Законот за работни односи, Законот за Јавни претпријатија и Колективниот договор;
– предлага акти што ги донесува Управниот одбор и друго.
Надзорниот одбор брои 5 (пет) членови, кои ги именува и разрешува Советот на Општина Охрид со мандат од 4 (четири) години. Надзорниот одбор ги прегледува тримесечните, годишните сметки и извештаите за работењето на претпријатието и дава свое мислење до Управниот одбор.
Претпријатието соработува од секој аспект со Општината Охрид како негов основач, како во поглед на усвојувањето на Програмите за работа и годишните сметки и извештаи од работењето како законска обврска.
2. Организација и вработени
Внатрешната организација на процесот на работа на претпријатието е уредена со Правилникот за организација и систематизација на Јавното Претпријатие, донесен од страна на Управниот Одбор на ЈП ГРАДСКИ ПАЗАР-Охрид.
Согласно Статутот на Jавното претпријатие и актот за организација и систематизација, Основните организациони облици во кои е организирано претпријатието се одделенијата:
1. Одделение за заеднички и општи работи
2. Одделение за работа на пазари
3. Одделение за стручни ( технички) работи и услуги
Бројот на вработени во ЈП Градски Пазар Охрид заклучно со 31.07.2021 година е 37 лица.
3. Мисија, визија и правна регулатива
Мисија
ЈП „Градски Пазар“ – Охрид е формирано во 2010 година, и извршува дејност од јавен интерес цел да овозможи квалитетно и организирано вршење на дејноста управување со пазари на големо и мало на територијата на општина Охрид.
Визија
Претпријатието има за цел и визија да се запази и продолжи, сто годишната традиција на постоење на пазарот на територијата на Охрид. Да се промовира продажбата на земјоделски, жиинарски и сточарски производи, каракеристични за ова поднебје. Промовирање на продажба на ракотворби кои се составен дел од од нашата богата традиција. Покрај тоа,а со со цел осовременување на овој тип на дејност се врши и издавање под закуп за продажба и на друг тип на производи, и со самото тоа се дава придонес за развој на економијата на територијата на Општина Охрид и областите кои гравитираат према Охрид.
Правна регулатива
За работењето на јавното претпријатие „Градски Пазар“ – Охрид од посебна важност се следните законски прописи и интерни акти:
1. Закон за јавните претпријатија
2. Закон за вработените во јавниот сектор
3. Закон за административни службеници
4. Закон за работни односи
5. Статут на ЈП „Градски Пазар“ – Охрид
6. Правилник за систематизација на работни места во ЈП „Градски Пазар“ – Охрид
7. Програма за работа на ЈП „Градски Пазар“ – Охрид
4. Цели
Плановите за борба против корупција опфаќаат различни аспекти, од дефинирање на корупцијата, до што секој вработен може да стори за да ги идентификува и управува етичките дилеми и ризикот од корупција. Овој антикорупциски план се фокусира на утврдување конкретни мерки и активности за контрола и превенција на појавата на корупција. Тоа претставува еден вид почетна анализа за ризични области за корупција во рамките на делокругот на работењето на ЈП „Градски Пазар“ – Охрид, односно се труди да ги идентификува причините, условите и факторите кои ја овозможуваат корупцијата но едновремено преку акцискиот план се дава пресек на конкретно планирани активности и начинот на нивна операционализација со цел соодветна превенција и одговор на поставените цели во овој документ. Имено, клучните проблеми и ризични фактори за појава на корупција и судир на интереси во јавното претпријатие се однесуваат на: – отсуството на систематизирани мерки за спречување на корупцијата; – отсуството на проценка на ризикот од појава на корупција во јавното претпријатие; – отсуството на цврсти гаранции за спроведување на процедурите за работа. Имајќи го предвид горенаведеното, овој Антикорупциски план има за цел да воспостави ефикасен систем на мерки и активности кои ќе овозможат превенција и борба со корупцијата како главен стратешки приоритет и да оствари неколку цели со кои значително ќе се намалат проблемите и ризичните фактори за појава на корупција: • зголемување на нивото на политичка одговорност и демонстрирана волја за борба против корупцијата; • јакнење на интегритетот и отчетноста на раководството и вработените во претпријатието, базирано на систем на вредности и критериуми за квалитет; • почитување на законските прописи, на Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, како и на Кодексот за административни службеници; • спроведување на надлежностите на претпријатието на законски, транспарентен, етички, економичен, одговорен и ефективен начин; • проактивна транспарентност, зајакната контрола и надзор во јавните набавки и во склучувањето договори; • јакнење на алатките за отчетност и транспарентност во работењето; • подигнување на јавната свест и спроведување антикорупциска едукација за вработените и градење личен и професионален интегритет; • зајакнување на довербата на граѓаните во институциите и мотивирање да пријават корупција.
5. Анализа за ризични области за корупција во рамките на делокругот на работењето
Проблемите и мерките во Акцискиот план на ЈП „Градски Пазар“ – Охрид се систематизирани во следните области:
• Непристрасна, ефикасна, ефективна администрација, која е независна од политичко влијание е еден од клучните делови во борбата против корупцијата. Администрацијата мора да работи на принципите на етичност и интегритет, а нејзините механизми за санкционирање на неетичкото и коруптивно однесување мора да се направат пофункционални. Јавната перцепција за независна, ефикасна, непристрасна администрација и довербата во истата е важен предуслов за успешноста на антикорупциската политика и доброто владеење на правото во земјата. Од друга страна, департизирана администрација, заснована врз заслуги е браникот во борбата против корупцијата. При вработувањето во јавниот сектор треба да се почитуваат сите процедури, а во законската рамка да се вклучат што повеќе мерливи критериуми и да се избегне дискреционата моќ. Исто така, стручното усовршување и развојот на човечките ресурси во администрацијата претставува алатка за постигнување на професионално, компетентно и ефективно работење на службениците.
• Дигитализацијата на јавните услуги кои ги даваат институциите ја зголемува транспарентноста, ефективноста, ефикасноста, пристапноста, контролата и анализата на податоците кои се разменуваат меѓу институциите. Воведување на електронски систем за управување со документи како и воведување унифицирано канцелариско и архивско работење ќе овозможи оптимизација и дигитализација на работните процеси во претпријатието. Употребата на електронски систем за управување со документи во претпријатието и дигитализирани процеси, ќе водат кон комплетно дигитално работење и намалување на можностите за коруптивно однесување. Со самиот процес на дигитализација и доближување на услугите кон граѓаните, потребна е промоција на значењето на електронските документи, електронските потписи, печати и останати доверливи услуги кај граѓаните, но и кај администрацијата. Од една страна, административните службеници треба да се обучени за нивните обврски врзани со тоа како се препознава оригинален документ во електронска форма (што е полесно отколку во печатена форма), како да го проверат интегритетот на документот и неговото потекло (електронскиот потпис или печат), како и дека не смеат да одбијат правилно поднесен документ во електронска форма. Граѓаните пак треба да се обучат за нивните права во електронското работење и истите да си ги бараат. Придобивки од отворени податоци се транспарентност и доверба, јавно учество и соработка меѓу јавниот сектор и др. сектори, економски придобивки итн.
• Преку процесот на јавни набавки во јавниот сектор, властите на национално и на локално ниво се под ризик од коруптивни практики заради остварување финансиски добивки. Затоа, со цел да се заштити јавниот интерес, да се добие најдобрата вредност за јавните трошоци, да се обезбеди фер конкуренција во постапките и правичен третман на понудувачите, неопходно е да се постигне највисоко ниво на транспарентност на процесите, зајакнување на капацитетите со квалификувани и обучени кадри за спроведување на јавните набавки, засилување на контролата врз спроведувањето на јавните набавки; зголемување на ефикасноста во реализацијата на јавните набавки и зголемување на личниот интегритет на лицата вклучени во нивно спроведување. Административните антикорупциски практики можат да влијаат на ниво на тривијална, но не и на реалната корупција за која е потребна силна политичка волја и континуирана ревизија на работењето.
• Во ера на голема достапност до различни извори на информации, како и на лесно достапни можности за пласирање информации или дезинформации, голема е можноста граѓаните да се здобијат со погрешни сознанија во однос на работата на институциите, како и во однос на корупцијата и она што таа го претставува. Ова може да резултира со поткопување на довербата на граѓаните во институциите, како и со помала можност да се идентификуваат и пријавуваат потенцијалните коруптивни практики. Затоа, со цел да се зајакне довербата на граѓаните кон институциите ЈП „Градски Пазар“ – Охрид континуирано работи на обезбедување пристап и можност на целокупната јавност да има увид во неговото работење. Претпријатието се стреми за транспарентно и навремено објавување на информации за неговата работа преку користење релевантни канали за информирање. На овој начин, ЈП „Градски Пазар“ – Охрид придонесува во борбата против корупцијата и помага во напорите за зголемување на свесноста на јавноста за корупцијата, земајќи предвид дека свесноста на јавноста за негативните ефекти на корупцијата е основен дел на која било ефективна стратегија за превенција на корупцијата.
6. Улоги, одговорности, процес на следење и мониторинг
За ефективна и ефикасна борба со корупција, институциите треба да имаат и ефикасни и ефективни механизми за управување со процесот на следење и мониторинг на состојбата со корупцијата, како и за состојбите во однос на судир на интереси, интегритет и примање подароци, како аспекти кои се во директна врска со корупцијата. За таа цел, ЈП „Градски Пазар“ – Охрид има назначено лице одговорно за прашања од областа Интегритет, примање подароци и судир на интереси, чии податоци се јавно достапни на веб-страницата на претпријатието. Секој сектор кој е надлежен за одредена активност, доставува месечен извештај до лицето назначено за интегритет, примање подароци и судир на интереси, со цел да се има постојан увид и да се следи состојбата во министерството во однос на овие аспекти, односно Антикорупцискиот план. Преку овие механизми, меѓу другите, во ЈП „Градски Пазар“ – Охрид се обезбедува ефикасен и ефективен процес на следење и мониторинг, се овозможува навремена детекција на недостатоци, доколку ги има, а дополнително, се минимизира потенцијалот за појава на судир на интереси и за примање подароци и се обезбедува начин на работење во кое се отсликува интегритет и професионализам.
Охрид, Управен одбор
16.08.2021 год. Претседател
Миле Чавдаров
______________